БИРН Македонија забележа видлив успех и евидентно влијание со својот Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор.
Проектот е дел од програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиумите во Македонија.
Првите видливи резултати произлегоа од серијата дебати кои беа организирани во текот на изминатите три месеци, чија цел беше зајакнување на соработката помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор.
Десет теми од заеднички интерес беа утврдени на дебата во средината на април каде што околу 90 претставници од невладиниот сектор и новинари дебатираа речиси три часа, предлагајќи различни теми од заеднички интерес.
Секоја дебата беше базирана на одредена тема за која новинарите и претставниците на граѓанските организации кои работат во конкретната област беа поканети да споделат искуства и знаења, да дискутираат за пречките и позитивните страни на нивната соработка и да разменат идеи за понатамошна, поинтензивна соработка.
Ана Чоловиќ Лешоска, од ЕкоСвест, организација која присуствуваше на повеќе дебати, вели дека средбите беа повеќе од неопходни.
„Моето искуство од дебатите е позитивно- прво бидејќи бев изненадена од бројот на новинари кои дојдоа на дебатата за животна средина. Животна средина е многу комплексна тема, со многу различни под-теми кои треба да си најдат место во медиумите.“
„Бидејќи целта беше стимулирање на истражувачко новинарство, контактите кои беа воспоставени помеѓу организациите и новинарите ќе бидат користени и во иднина со цел подобра соработка меѓу овие два сектори,“ додаде Лешоска.
Настаните овозможија многу организации кои работат на локално, регионално или национално ниво во Македонија да се сретнат со новинарите кои ги покриваат овие теми, и да ја подобрат заемната комуникација со што би се профилирале себеси подобро во јавноста.
Ирена Цветковиќ од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници забележа вистински напредок во известувањето за маргинализираните групи по дебатата за маргинализирани заедници во Македонија.
„По подолго време во нашите медиуми се појави позитивен и нестигматизирачки прилог за корисниците на дроги, кој ја опфати проблематиката на т.н. војна против дрогите консултирајќи експерти, но и светски искуства кои говорат за погрешните стратегии на војната против дрогите,“ забележува таа.
„Прилогот беше директен производ на разговорите меѓу новинарот од Дневник и мене на една од дебатите, а продолжи преку посочување на релевантни извори и заедничко договарање на соговорници. Прилогот беше споделуван на социјалните мрежи и оценет од лицата кои користат дроги како редок пример на коректна медиумска обработка на темата војна против дрогите,“ додава таа.
„Ова е можеби мал чекор, но секако е чекор напред кој долго го чекавме,“ заклучи Цветковиќ.
Дебатите претставуваа огромна можност и за новинарите исто така. Кристина Озимец, млада новинарка која присуствуваше на неколку од дебати, рече:
„Беше многу позитивно да се седне на иста маса со активисти и луѓе од НВО секторот и отворено да се разговара на секакви теми, од човекови права и образование до меѓуетнични односи и европски интеграции,“ вели таа.
„За мене, како новинар, беше корисно да добијам совети и насоки во многу од проблемите споменати на дебатите, бидејќи многу од нив може да се развијат во добри текстови,“ вели таа.
„Се надеваме дека со текот на времето оваа соработка ќе стане поинтензивна и дека ќе биде позабележлива преку високо квалитетно новинарство и преку значајни НВО проекти кои им се важни на граѓаните“, заклучува Озимец.
Озимец вели оти напишала неколку текстови базирани на информации кои ги добила на дебатите на кои присуствувала, меѓу кои и текстот за високото образование во Македонија, насловен „Сѐ повеќе факултети, сѐ помалку знаење.“
Поискусни новинари беа исто така активно вклучени во дебатите. Менче Точи, новинарка со повеќе од 20 години искуство, наградена на првиот повик за истражувачки стории од овој проект, ја искористи можноста за известување за новитетите кои претставниците од невладините организации ги претставија на дебатата посветена на здравството.
„Дебатите им помогнаа и на новинарите и на невладините организации да го осознаат клучниот момент кој би им помогнал меѓусебно да соработуваат и како заеднички да функционираат,“ вели таа.
„Новинарите се наоѓаат во многу незавидна положба бидејќи недостасуваат информации особено кога политичките субјекти или не даваат изјави или тие се насочени само кон одредени медиуми,“ забележува Точи.
Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор започна во февруари 2013 година и ќе трае до јули 2015 година.
Во првата фаза од имплементацијата на проектот, организирани беа 11 дебати. Првата, одржана на 17 април, беше фокусирана на утврдување на теми од заеднички интерес, додека последната беше на 20 јуни, и се дискутираше процесот за евро-интеграција на Македонија.
Сите дебати имаа висока посетеност, благодарение на вклучувањето на преку 200 претставници на невладини организации и новинари како посетители и активни учесници.
Резултат од дебатите беа неколку текстови објавени во медиумите, како анализа за внатрешната миграција од помалите градови во Македонија кон Скопје, која беше објавена како резултат на дебата за квалитет на живот, и колумните на Кочо Андоновски, ЛГБТ активист кој работи во Хелсиншки комитет Македонија, како и колумната за младост и толеранција на Магдалена Маневска од младинската организација Центар за Интеркултурен Дијалог од Куманово.
Како сумирање на искуството од дебатите, Цветковиќ рече: „Дебатите лично ги доживеав како отворен канал за комуникација меѓу новинарите и претставниците на здруженијата на граѓани кој очигледно недостасувал подолго време.”
Фото галерии од сите настани се достапни на страната за поддршка на БИРН Македонија.