Водичот е наменет за истражувачките новинари од Балканот и ќе биде дистрибуиран до сите факултети за новинарство и библиотеките низ земјата, како и до новинарите кои ќе бидат вклучени во различните проекти имплементирани од БИРН Македонија.
Преводот и печатењето на книгата беа овозможени од Фондацијата институт отворено општество Македонија.
„Под површината“ е производ на Иницијативата за истражувачко новинарство на БИРН, образовна програма која вклучува соработка со меѓународни универзитети и локални партнери со цел водичот да биде ставен во комерцијална употреба како учебник за истражувачко новинарство.
Во книгата се сместени новинарски текстови, поврзани со интересни совети, вештини, истражувачки приказни, дата бази, студии на случаи, вежби и техники кои ги инспирираат читателите да го прифатат предизвикот на истражувачкото новинарство.
„Под површината“ е дел од тренинг програмата на Летната школа за истражувачко новинарство на БИРН. БИРН веќе има отпечатено две изданија од водичот на англиски јазик, како и преводи на српски и албански јазик.
Заинтересираните за овој водич за истражувачко новинарство може да ја контактираат канцеларијата на БИРН Македонија на следната електронска адреса: [email protected].