Печени костени, белег на Скопје
24 11 2006 Мирисот од тезгата на чичко Рефик 32 години ги крепи минувачите
Од Ана Антевска ( 24 Ноември 2006)
Сликата на печени костени што крцкаат и црвенеат на малите скари наредени на Плоштадот Македонија, ретко кого го остава рамнодушен. Тој мирис што се шири низ ладниот воздух, за момент ти ја стоплува душата и не ти дозволува само да ги одминеш уличните тезги покриени со распукани костени.
Опиен застануваш покрај тезгата на чичко Рефик и со нетрпение чекаш да го наполни картонското кесе со костени. Не можеш да чекаш ни минута, па со рацете премрзнати од ладното време, еден по еден ги вадиш костените од кесето и уживаш во нивниот вкус. За кусо време кесето е празно, а ти уште еднаш си потврдуваш дека чичко Рефик ги пече најсочните и највкусни костени во градот.
Секоја зима веќе 32 години чичко Рефик 32 со својата мала скара, кеса ќумур и вреќа полна костени е на Плоштадот Македонија пред влезот на Градскиот трговски центар. Тој е најискусниот продавач на костени во Скопје. Прв пат застанал пред скарата далечната 1974 кога имал само 11 години.
„Овој занает го наследив од татко ми. Тој беше првиот продавач на костени во Скопје. Но кога имав 11 години, тој почина и за да можеме да се прехраниме, јас и моите двајца браќа, го продолживме неговиот занает. Не го изневерив татко ми, до ден денешен ги печам највкусните костени во градот“.
А тајната за највкусните костени е местото од каде се набавуваат како и тепературата на жарот на кој тие се печат, ни открива искусниот чичко Рефик
Секоја година пред почетокот на сезоната за печење костени, тој оди во поречкиот крај, односно во Македонски Брод, каде што според него се најсочните костени. Од тамошните одгледувачи, набавува околу 2 тона и толку продава од октомври до февруари, колку што трае сезоната.
„Ретко кој може да одделее на овој мирис. Младите уживаат во нивниот вкус, а пак оние постарите да се потстетат на старите времења, оти едниствено нешто што остана од старо Скопје се овие тезги. И сега и тогаш мирисот е истиот, па тоа ги мами скопјани да си купат едно кесе костени. Многупати се случувало муштериите да ми кажат дека мирисот на печени костени ги враќа во младоста, па дури и ми раскажуваат како кога шетале на тогашното корзо, за да ги импресионираат девојките им купувале печени костени“ со насмевка на лицето раскажува Рефик.
Чичко Рафик вели дека костените се јадат само топли, оти студени потешко се лупат, го немаат истиот вкус и мирис. Па затоа, вели, е нормално што кога ќе се купат веднаш по пат се јадат. А најдобра комбинација со печените костени е чашка црвено вино.
„Едно младо момче ми е редовен муштерија. И постојано кога сака да и подготви убава и романтична вечера на неговата девојка, купува црвено вино и костени од кај мене. Ми вели вечера не знам да правам па костениве ептен ми завршуваат работа“ се присетува нашиот соговорник.
И тој признава дека сака костени и црно вино. Вели дека и по 32 години не му здодеал вкусот.
Рефик дневно продава по 15 килограми костени. За 25 денари се добиваат 100 грама. Според него оваа цена не е висока со оглад на тоа дека поради добриот квалитет тој костените ги набавува по дупло повисока цена од онаа по која се продаваат по пазарите и условите по кои тој секој ден работи.
Вели дека порано подобро се заработувало бидејќи имало помалку продавачи. Сега нивниот број е многу поголем, па само на Плоштадот има околу 15 тезги.
Неговата месечна заработка е околу 20 000 денари. Се жали и на нелојалната конкуренција, односно на дивите продавачи. Тој пред почеткот на секоја сезона и плаќа на Општина Центар за поставување на тезгата, но вели, голем е бројот на оние кои без дозвола продаваат, а надлежните никаде ги нема да ги санкционираат.
Најмногу промет има во деновите околу Нова година, а особено во новогодишната ноќ. Рафик вели дека досега не поминал ниту една Нова година дома со неговата жена и двете деца. 32 години тој Нова година ја прославува на Плоштадот.
„За да не бидам цела вечер сам, на Плоштадот доаѓаат мојата сопруга со ќеркичката и синот и сите заедно покрај тезгата со костени ја пречекуваме Новата година,“ вели Рафик.
Така ќе биде и оваа. Но, иако многумина уживаат во вкусот на неговите печени костени, Рефик вели дека секоја година новогодишната желба му е ова да му биде последна година што ќе продава костени.
Се моли во текот на летото кога наместо костени, на истото место продава сладолет, да најде некоја друга работа, бидејќи повеќе не може да го издржи студот. Но сега за сега продажбата на костени е единствениот начин да го прехрани семејството. Вели дека никогаш нема да дозволи неговиот син да ја наследи оваа работа.
„Студот ми е влезен во коските. Секоја зима ми е се полошо и полошо. За да однесам парче леб дома, морам да работам и кога врне дожд и снег, а температурите се и под минус 20 степени. Но не е така. Душава ми е премрзната, а нозете и не ги чувствувам, како да ги немам “ ја завршува својата приказна чичко Рефик.
Дури и ако му се исполни желбата на чичко Рефик тезгите со печени костени, кои се белег на Скопје, нема да исчезнат. На Плоштадот ќе останат помлади продавачи, кои уште долго со мирисот на своите костени ќе ги мамат скопјани кон своите тезги.
Ана Антевска е новинар на весникот Вест. Овој текст е изработен во рамките на тренингот „Успешни приказни“ во организација на Канцеларијата за односи со јавност на амбасадата на САД и БИРН Македонија во Скопје.